Со распит на четворица сведоци, во Основниот суд во Охрид денеска продолжи судскиот процес против Лазе Радески, обвинет за убиство на уличните продавачи на девизи Раим Ракип, Спиро Ставрески и Трајче Цоцески, сите од Охрид.


Прва пред судот сведочеше Миневер Ракип,  сопругата на Раим Ракип, кој исчезна во 2006 година. Таа кажа дека последниот  месец пред исчезнувањето обвинетиот често го барал Раим. Тој и кажал дека му позајмувал пари на Радески, но не знаеше колку. Критичниот ден кога исчезнал Раим Ракип кај себе имал 30.000 евра, со кои работел на  уличната берза, а ги планирал за купување стан. Минавер Ракип рече дека по исчезнувањето на сопругот била обвинета од деверот и свекорот дека го убила Раим Ракип, за што одреден период била испрашувана од охридската полиција.


Купувачот Миле Митрески сведочеше дека дента кога е убиен Трајче Цоцески(април 2008), дуќанот каде се случило делото бил затворен, а Радески кој бил внатре изгледал уморно. Олга Бандилоска вработена во соседниот дуќан, сведочеше дека подоцна Радески со неа пиел кафе надвор пред  дуќаните и дека не забележала ништо невообичаено кај него . На денешното судење беше сослушан и соседот на Радески,  кој како и другите сведоци ги повтори исказите  дадени пред истражниот судија. Според Драги Коровешоски, правен застапник на оштетените,  во досегашниот дел од судењето се изнесени доволен број докази кои потврдуваат дека Лазе Радески е сторител на делата за кои се товари.


Одбраната на обвинетиот денеска побара да биде извршена реконструкција на настаните за што судот кажа дека ќе се изјасни на следното рочиште, а беше одбиено барањето да се повикаат двајца доплнителни сведоци. Судот следното рочиште го закажа за 10 декември кога треба да бидат сослушани уште сведоци, меѓу кои и зетот на обвинетиот, а ќе  бидат изнесени и докази од судското вештачење.

Г. Момироски