Централната изборна комисија на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија денеска ќе ги верификува кандидатурите кои ги исполнуваат критериумите за избор на претседател на партијата, откако вчера во 16 часот заврши рокот за пријавување.
Доставени се четири кандидатури за партиски лидер на СДСМ од Димитар Ковачевски, актуелен заменик-министер за финансии, Фросина Ременски, поранешна пратеничка и потпретседателка на СДСМ, Властимир Алексовски, член и активист на СДСМ од општинската организација на партијата од Куманово и од Јован Деспотовски, директор на Дирекцијата на технолошко индустриски развојни зони.
Последен вчера се кандидираше Деспотовски, кој до Централната изборна комисија ја достави и неговата програма „Концепт 28“ во која, според него, фокус се луѓето.
Нудиме концепт во политиката што нема да поаѓа од „Кој“, туку од „Како“ и „Каков човек/луѓе“ ни се потребни. Концепт што, преку конкретни и мерливи резултати, ќе ја зацврсти СДСМ како водечка политичка организација во Северна Македонија и по следните парламентарни избори. Концепт што ќе обезбеди континиутет и квалитет во спроведување на современите вредности и прогресивните политики до 2028 година, се вели во програмата на Деспотовски.
Кандидатура до изборната комисија завчера поднесе Алексовски, а претходно во средбата кандидатурите ги доставија и Ременски и Ковачевски.
Ковачевски ја достави кандидатурата со програмата „Заедно, одговорно и посветено“ по што на својот фејсбук-профил напиша дека „во време на предизвици со кои се соочува македонското општество одговорно е да се преземе чекор, да се делува.
Да ја направиме СДСМ ефикасна, организирана и посветена на решавање на проблемите. Заедно, одговорно и посветено. Граѓаните бараат работа, решенија и многу одговорност. Треба да извлечеме поуки и да направиме сериозни промени за да ја вратиме довербата, да го обединиме членството и брзо да се вратиме на победничка патека. За ова да го постигнеме мора да поставиме стручни и посветени луѓе на сите позиции кои ќе донесат вистинска промена и ќе работат одговорно. Верувам дека само вака ќе ја вратиме довербата на граѓаните во институциите, но и дека ние како држава можеме и умееме сами. Мој приоритет ќе биде домашната политика, ефикасно работење и реализација како и подобрување на економскиот стандард на граѓаните, наведе Ковачевски.
Ременски ја достави својата кандидатура симболично за време на 16-дневниот активизам против насилство на жените, при што ги охрабри жените да не се откажуваат од соништата.
Сакам и преку кандидатурата да бидам пример и да ги охрабрам сите жени кои се или не се на функција да не се откажуваат од своите соништа и натаму да се борат без оглед на сè и ги охрабрувам социјалдемократките да ја поддржат мојата кандидатура, изјави Ременски.
Образложувајќи ја кандидатурата таа истакна дека цел и мотив за нејзината самокандидатутра за претседател на партија се досегашните општествено – политички и партиски активности кои ги имала во време кога СДСМ носела тешки одлуки.
Изборот за нов претседател на партијата се одржува по оставката на премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев, по завршување на вториот круг од локалните избори, преземајќи одговорност за како што изјави тој лошите резултати од изборите.
Со Одлуката на Извршниот одбор од 26 ноември 2021 година вонредните избори се распишани и ќе се одржат на 12 декември 2021 година. Постапката за кандидирање започна на 27 ноември, а заврши вчера. Право на кандидатура имаат сите членови на СДСМ кои ги исполнуваат критериумите согласно Статутот на СДСМ.
За претседател на СДСМ може да се кандидира лице кое има најмалку пет години членство во партијата и кое најмалку еднаш било избран од Конгресот за член на некој од партиските органи. Изборите на локално ниво ќе ги спроведат 80 општински изборни комисии и одбори на избирачки места.
OhridNews