Во Охрид одамна немало квалитетна културно – забавна програма, како изминатиот вукенд. Охриѓани и илјадниците гости имаа можност да уживаат во разноврсна понуда. Тие со префинет вкус, пак, имаа ретка можност во само неколку дена на повеќе локации да видат неколку извонредни настани.
Квалитетниот музички викенд го отвори светски познатиот џез и фанк музичар Владимир Четкар и неговиот извонреден бенд со 6-то издание на „Вино и џез“ во хотелот „Филип“.
Во саботата, во прекрасниуот амбиент на предворјето на Св. Софија, музичка вечер за паметење приреди косовско-хрватскиот гитарист Петрит Чеку. Концерот беше посветен на 250 годинишнината од раѓањето на композиторот Лудвиг ван Бетовен. По тој повод, Чеку направи нов аранжман на неговата најлесна соната за клавир, „Соната фачиле“ која ја отсвири на гитара.
Саботната вечер ја заокружи познатиот загребски музичар Дарко Рундек и неговата „Екипа“, со интимен настап на Античкиот театар.
Кулминација на ретко квалитетниот културно-забавен викенд ова лето во Охрид беше Езерската РОК симфонија на групата Камелеон и пријателите, кои синоќа на градското пристаниште на публиката и приредија прекрасно музичко доживување.
Ваквите настани исклучително позитивно влијаат не само на туризмот и понудата, туку и на имиџот на Охрид, кој од секогаш важел за град кој има префинет вкус за музика.
Г.М.