Во рамки на фестивалот „Охридско лето“, вечерва, во црквата Света Софија концерт ќе одржи АГБУ Софискиот камерен оркестар и солистите, Филип Манџуков, Софија Никоска .

Софискиот камерен оркестар е создаден во 2006 година, по повод 100 години од основањето на организацијата „Парекордзаган“, со цел да се популаризираат ерменската и бугарската музичка култура, дострелите на класичната музика, како и дела од современите автори. Диригентот и уметнички директор на оркестарот е Бедрос Папазјан, и во него ги спојува најдобрите инструменталисти од Софиската филхармонија, оркестарот на Бугарското национално радио, Софиската опера и Музичката академија во Софија. „АГБУ-Софија чејмбер оркестра“ развива многу значајна концертна активност низ Бугарија и надвор од неа. Нивниот репертоар е широк и разновиден. На своите концерти оркестарот најчесто изведува дела од класичната музичка литература, а покрај нив неретко се наоѓаат и композиции инспирирани од фолклорот, од џезот, од танго музиката итн. Современата музика е исто така дел од репертоарот на овој оркестар, па така честопати на програмата може да се сретнат и праизведби на дела од бугарски композитори.

Присутните на вечерашниот концерт ќе имаат можност да уживаат во „ Четирите годишни времиња“ од Антонио Вивалди, а ќе бидат изведени и дела од Бах, Моцарт, Хендл.

Концертот ќе започне во 21 часот.  

OhridNews