Четириесет и седум повредени полициски службеници од кои 11 потешко, приведени 11 демонстранти и причинета материјална штета е епилогот од вчерашните протести против францускиот предлог.
Министерството за внатрешни работи информира дека се повредени 47 полициски службеници од кои 11 потешко, а двајца имаат сериозни повреди. На сите повредени полициски службеници им е укажана лекарска помош, а потешко повредените се пренесени во медицинските установи за санирање на повредите и медицинска нега.
За време на протестот оштетени се и прозорците и фасадите на Владата, Собранието и Министерството за надворешни работи. Скршени се и 16 полициски штитови, повеќе заштитни полициски шлемови и радио-врски, а оштетено е и полициска куќарка пред Собранието и едно полициско возило.
Констатирани се повеќе нарушувања на јавниот ред и мир од страна на демонстрантите, кои фрлаа со камења, јајца, железни предмети, бекатон плочки, молотови коктели, сообраќајни знаци, канти за ѓубре и пиротехнички средства, како кон објектите, така и кон полициските службеници кои вршеа службени дејства обезбедувајќи ги државните институции, се наведува во соопштението од МВР.
Оттаму информираат дека се приведени 11 демонстранти и дека за време на протестите од страна на полицијата не биле употребени пиротехнички, ниту хемиски средства за разбивање на толпата.
МВР презема мерки за расчистување на случајот и апелира до организаторите на протестите и до граѓаните да покажат демократски капацитет, протестите да бидат мирни и демократски, да ги сочуваме редот, мирот и безбедноста. Преку насилство кон оние коишто го одржуваат редот, кон македонската полиција и објектите на институциите, не се постигнува ништо, дијалогот треба да се води во институциите на системот, велат од МВР.
Претседателот на Владата ги осуди вчерашните настани пред Собранието на Република Македонија. Ковачевски потенцира дека тоа што синоќа се случи пред Собранието не е вистинското лице на европска Република Македонија, земја членка на НАТО и дека 27 април нема да се повтори.
Протестите се демократско право на секој граѓанин, но насилството не може да се оправда со ништо. Најостро го осудувам нападот врз полицијата која синоќа беше на висина на својата задача, професионално штитејќи ги граѓаните и државните институции. Насилството и омразата не се, и не може да бидат решение на ниту еден проблем. На потпалувачите на протестите ќе им порачам – не манипулирајте и не злоупотребувајте млади луѓе за да ги задоволите вашите политички апетити. Вашето сценарио синоќа резултираше со над 40 повредени полицајци и над десетина приведени. 27 април нема да се повтори!- вели Ковачевски.
Од Левица велат окупационата Влада на СДС и ДУИ во целост прикажа како се манипулира и демонстрира насилство врз обичниот народ!
Министерот за внатрешни работи – Оливер Спасовски, очигледно, го оствари своето црно сценарио дека ќе се случат радикални сцени – само за да апсат невини луѓе низ Жена парк. Негрижејќи се ниту за граѓаните, ниту за полицијата, Спасовски ги изложи сите во опасност – само за да ги прикаже десетиците илјади освестени граѓани, кои достоинствено протестираат, како насилници! Левица претходно, по добиени инсајдерски информации од свиркачи во МВР, предупреди дека власта вечерва ќе уфрли провокатори со фантомки, со цел масовно да се апсат граѓани и да се амортизира револтот кај народот. И покрај лошите временски услови, илјадници граѓани маршираа против новото национално предавство на корумпираната СДС и терористичката ДУИ и против наметнатата присилна бугаризација на Македонија! Тоталитарниот профашистички режим се обидува да ја инструментализира полицијата против сопствениот народ, само за да го спасат неизбежниот пад од власт, велат од Левица.
OhridNews