Турнирот во мал фудбал „Петровден 2014“ годинава по јубилјен 40-ти пат ќе се одржи во Мешеишта. Традицијата долга четириесет години започнала во далечната 1974 година кога за прв пат се одиграл еден од турнирите со најдолго минато во нашата земја.
– Турнирот се организира по повод верскиот празник Петровден кој е на 12 јули, а на тој ден е и финалниот натпревар. На почетоците од турнирот натпреварите се играа на земјена подлога и учествуваа само екипи од Мешеишта. Во 1980 година беше поставена првата подлога од асвалт, а седум години подоцна беше возобновена. По реновирањето на стадионот и екипите учесници почнаа да се зголемуваат. Четири години подоцна беше поставено рефлекторно осветлување по што екипи пријавено на турнирот имаше од Охрид и Струга. Вистинска експанзија турнирот добива 1991 година кога е организиран под мотото „Мир во земјата, мир во светот“ по распаѓањето на СФРЈ. Турнирот има и свои тажни страни откако неколку изданија се меморијални и одржани во чест на жители од Мешеишта кои прерано го загубиле животот. Со целосното реновирање на трибините и теренот во 2006 година турнирот „Петровден“ блесна со сиот свој сјај кој го носи ден денес – рече Игор Крцоски – Манце прв човек на организациониот одбор.
За организација на турнирот се грижи организационен одбор, кој преку цела година работи за околу турнирот, кој најквалитетен во охридскиот регион.
– За организирањето на турнирот се грижи организациониот одбор, но голема помош и несебична поддршка имаме од месното население. Турнирот не е тешко да се организира. Но, долгата традиција ни дава мотив повеќе и обрвска плус за што подобро организирање бидејќи турнирот е од големо значење за жителите на Мешеишта и околината. Нашата посветеност се исплати и сосема заслужено турнирот го носи најдобриот во охридско-струшкиот регион – додаде Крцоски.
Репрезентативците Џевдет Шаиноски, Митко Стојкоски, Артим Шаќири, Гоце Седлоски, Гоце Толески, Ристе Маркоски, Игор Митрески, Зоран Бошкоски-Чоко, Горан Ставревски, Крсте Велкоски и Данчо Целески се само дел од богата историја на турнирот кои гледачите во Мешеишта можеле во живо да ги проследат.
– Чуството да се гледаат овие имиња на турнирот во Мешеишта е неописливо. Со нивното доаѓање само ја потврдуваат нашата насока и пристапот кон организирање на турнирот. Ние во иднина ќе настојуваме да каниме вакви големи имиња во македонскиот фудбал, кој ќе го промовираат нашиот турнир во земјата – потенцираше „Манце“.
Последните петнаесет години за професионалноста на турнирот се грижата „луѓето во црно“ кои доаѓаат од судиската организија од Охрид и Струга.
На турнирот имаат настапено повеќе од 10 000 играчи поделени 1 200 екипи и одиграни се 2 400 натпревари. Околу 90 000 гледачи ги имаат посетено мечевите, а во полигонот инвестирани се 200 000 евра.
Организациониот одбор за јубилејното четиериесеттото издание на турнирот во мал фудбал подготвува програмата и одбележување какво што му прилега.
Мх.П.