Четвртиот Велигденски турнир во мал фудбал Охрид 2012, влегува во завршната фаза. На програмата се полуфиналните дуели, каде влогот е голем, пласман во големото финале.


Првата полуфинална двојка ја сочинуваат минатогодишните финалисти Вис Пој – Бекче додека другата двојка е Бел Мерцедес – Дисконт Царовски. Во ланското финале тимот на Вис Пој со “тениски“ 6-1 ја совлада екипата на Бекче, која тогаш во составот ги имаше поранешните репрезентативци Шаќири и Ставревски.


– Многу добро се познаваме со противниците, се имаме натпреварувано на сите турнири, а играме и преку цела година. Ќе биде добар фудбал за око, но сепак ова треба биде дружење, па подобриот нека победи – истакна голманот на Бекче, Чипаноски.


– Искуството е наша страна, а притисокот на нивна. Лани триумфиравме во финалето токму над екипата на Бекче. Сега ќе треба да се намачат за да не совладаат и да се пласираат во финалето – потенцираше голманот на Вис Пој, Лазески.


Во останатиот полуфинале дуел, ќе се сретнат “челичните“ Дисконт Царовски – Бел Мерцедес. Во досегашниот тек од турнирот Охрид 2012, екипата на “мечките“ има примено еден гол додека “зелените“ имаат два.


– Добро се познаваме, имаме играно доста вакви натпревари и се надевам дека ние ќе ја минеме последна пречка за финалето – рече Крцоски.

Реализацијата им е појака страна на Дисконт Царовски кои имаат постигнато 24 голови во натпреварувањето, “белите“ заостануваат девет погодоци, односно имаат 13. Битолчаните во составот го имаат најдобриот стрелец на турнирот, Соколовски кој има постигна десет голови, а најдобар стрелец кај Бел Мерцедес со пет погодоци е Стојкоски Николче.


–  Ги посакувавме и добивме во 1/2 финалето фудбалерите на Бел Мерцедес. Нашето ривалството трае веќе неколку години, и се надевам дека со малце среќа ќе се пласираме во финалето – вели Соколовски.

Полуфиналните натпревари се играат во 20 и 21 часот. Финалето се игра в четврток од 20.30 часот.

Ohridnews