Охридските хотели “Белведере”, “Гранит”, “Лебед” и “Фламенго” поднеле формални пријави до за здобивање со Еколошка ознака за туристичко сместување. Воедно, тоа се првите туристички капацитети во Македонија кои поднеле такво барање.

– Со овие Пријави се докажува дека е започнат процесот за исполнување на условите утврдени со Правилникот за критериумите неопходни за добивање на еколошка ознака за туристичко сместување – истакна заменик министерот Темелковски, на завршниот настан од проектот “Воведување на еколошко означени туристички услуги”, додавајќи дека ова се првите формални пријави од 2009 година, кога е донесен Правилникот, за чија изработка РЕЦ обезбеди техничка помош.

Со исполнување на критериумите за добивање на еколошка ознака, 4-те хотели го намалуваат штетното влијание врз животната средина, а притоа континуирано ја подигаат свеста на туристите преку нивно информирање за начините како да придонесат кон заштеда на енергија, вода и намалување на количините на отпад. 

Во наредниот период Министерството за животна средина и просторно планирање ќе формира Комисија за еколошка ознака со цел спроведување на постапката за процена на Пријавите/Барањата за доделување на еколошка ознака.

Здобивањето на ознаката е доброволно и зависи од интересот на производителот или давателот на услугата. Еколошката ознака ја доделува МЖСПП врз основа на Барање на правно или физичко лице, а на предлог на Комисијата за еколошка ознака во согласност со Законот за животна средина и прописите донесени врз негова основа. – објасни заменик министерот Темелковски.

На настанот беше презентиран Процесот на изработка на Барањата за добивање еколошка ознака.

Проектот го спроведува Регионалниот центар за животна средина за Централна и Источна Европа (РЕЦ), со финансиска поддршка од Министерството за животна средина и просторно планирање.

OhridNews