Туркиш ерлајнс ги закажа и пушти во продажба летовите меѓу Истанбул и Охрид за летната сезона 2025 година. Летовите ќе започнат на 27 март и ќе сообраќаат четири пати неделно, во понеделник, четврток, петок и недела. Турската авикомпанија за превоз на патниците ќе ги користи авионите Ербас А321, Боинг 737-800 и Б737-900, објави порталот „Екс Ју авијација“.

Превозникот претходно аплицираше за државни субвенции за стартување на услугата. Министерот за транспорт Александар Николски неодамна во интервју за ТВМ истакна дека со воведување на двете новите дестинации Истанбул – Охрид и Базел Милхаус – Охрид, практично започнува нова ера во развојот на авиосообраќајот токму преку охридскиот аеродром.

Од Охрид ќе може да се лета насекаде низ светот бидејќи стратегијата ни даде резултати. Го донесовме Туркиш ерлајнс кој ќе лета 4 пати неделно од главниот аеродром во Истанбул кон Охрид и тој е еден од најголемите аеродроми со најмногу поврзувања, рече Николски

Потенцираше дека на овој начин ќе се понуди Охрид како главен туристички центар во регионот каде се отвора можности за развој на туризмот.

Од Охрид ќе може да се лета насекаде низ светот бидејќи сега се поврзуваме со главниот аеродром во Истанбул кој е еден од најголемите аеродорми со најмногу конектинг летови. Потоа го имаме Охрид до Базел Милхус, аеродром на тромеѓето меѓу Швајцарија, Франција и Германија кој па отвора многу можности за нашата дијаспора и голем број туристи од тие земји, рече Николоски.

Додаде дека е сменет моделот на субвенционирање по патник во доаѓање бидејќи се очекува дека овој модел ќе донесе дополнителни 200 илјади туристи годишно.

Н.С.Ј.