Во само еден ден полицијата во Струга лиши од слобода четири лица за два случаи на семејно насилство во струшко. Жртвите многу ретко бараат помош во Меѓуопштинскиот центар за социјални работи во Струга.

СВР Охрид соопшти дека вчера околу 9 часот полициски службеници од ОВР Струга лишиле од слобода 49 годишно лице од струшкото село Ложани кој, претходно во семејниот дом, агресивно се однесувал кон неговата сопруга и кон други членови на семејството. Истиот ден, според соопштението, од слобода биле лишени и три лица на возраст од 52, 43 и 20, сите од струшко село, кои физички нападнале 18 – годишна членка на семејството.

По целосно документирање на двата случаи полицијата ќе поднесе соодветни пријави против сторителите.

Веднаш по добиените пријави полициските службеници излегуваат на местото каде што се случил настанот, да спречат дополнителна ескалација. Сторителите ги приведуваат во полициска станица, по што ги информираат центрите за социјални работи, изјави портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски.

Според директорот на Меѓуопштинскиот центар за социјални работи во Струга Мевмед Халили, жртвите многу ретко пријавуваат кај нив.

Жртвите на семејно насилство многу ретко пријавуваат во Центарот за социјални работи, обично повеќето случаи завршуваат со помирување. Ние добиваме известување од полицијата и се завршува тука, посочи Халили.

OhridNews