На големо задоволство на охридската публика и љубителите на филмската уметност, синоќа свечено беше отворен Фестивалот на германски филм во Центарот за култура „ Григор Прличев“. Втора година по ред и охриѓани може да ги погледнат најновите филмски остварувања на германската кинематографија и да стекнат нови сознанија за германската култура.
Германската амбасадорка Кристине Д. Алтхаузер, нагласи дека Германија произведува околу 200 филмови годишно и тие се трудат за овој фестивал да ги селектираат најдобрите и да бидат застапени филмови за сите возрасти.
– Минатата година славевме 10 години јубилеј и токму Охрид беше десеттиот град во Македонија во кој го прикажавме германскиот филм. Инаку секоја година има различни жанрови и по нешто за сечиј вкус. Овој пат фестивалот го стартуваме со телевизиски филм, утре има драма, во понеделник трилер и во вторник два детски филмови и за затворањето на фестивалот во 20 часот, комедија. Верувам дека преку овие филмови на публиката ќе им ја доближиме германската култура и јазикот, затоа што германскиот е втор јазик по англискиот и доста користен за различна намена. – рече Алтхаузер.
Директорката на Центарот за култура- Охрид , Драгана Боцевска изрази задоволство што фестивалот се одржува втора година по ред и преминува во традиција, по примерот на фестивалот на француски филм во Охрид.
– Чест и задоволство ми е што фестивалот на германски филм по втори пат се одржува во Охрид и би сакале овој настан да прерасне во традиција.- рече Боцеска.
Заменик градоначалникот , Ангел Јанев посочи дека филмската уметност е одлична можност за запознавање на македонската и германската култура.
– Со прикажување на најновите жанровско различни филмски остварувања, охридската публика ќе има можност да направи вредносен пресек на новите дела од германската кинематографија, но и на специфичен начин да ги доживее и осознае универзалните пораки на седмата уметност. Покрај со филмски фестивали, Локалната самоуправа прави и други чекори за развој на кинематографијата. Во Охрид од оваа академска година започна да работи Институтот за филм кој ќе функционира според програмите на познатата филмска академија ФАМУ од Прага така што имаме намерада изградиме филмски град и Охрид да стане дел од светската кинематографска мапа. – изјави Јанев.
Фестивалот беше отворен со телевизиски филм насловен „Роден во болка“. Неговата жанровска определеност е криминалистички филм меѓу драма од Шекспир и вестерн.
Ѓоко Симјаноски, филмски критичар и долгогодишен уредник на емисијата Филмско око, по завршување на филмот, даде изјава за Охридњуз за неговите размислувања околу годишниот репертоар, концептот на фестивалот.
– Мислам дека за да биде вистински фестивал недостигаат филмски ѕвезди, како што е примерот со светските филмски фестивали. Инаку Германија има квалитетни филмови, заедно со Франција, Италија и Шпанија, иако нашата публика некако е повеќе свртена кон американската филмска индустрија која го преплавува светот со блокбастери. Мене лично од годишната филмска понуда, фаворит ми е драмата Феникс која ќе се прикажува утре. – изјави Симјаноски.
Фестивалот се одржува и во останатите градови низ Македонија, Прилеп, Битола, Куманово, Скопје, Тетово, Велес, Штип, Кавадарци и Струмица.
И.Ч.