Да се врати љубовта и почита на младите кон природата како и да се подигне нивната еколошката свест е главната цел на музички фестивал „Аларм за природата“, кој ќе се одржува од денес до 27-ми јуни, во Љубаништа.
За сите посетители, организаторите најавуваат 3 сцени со 24/7 музичка програма, преку 100 артисти и ДиЏеи, кино, театар, фудбал, ликовни колонии, како и можност да се сончаат и да се капат во водите на Охридското Езеро. Честа да го отвори фестивалот ќе ја имаа Љубојна. Денеска ќе настапат 34 артисти, а во следните четири дена ќе видиме имиња како Парасенсе, Беарди, Арјуна, Слаткаристика, Суперхикс, Вибратор у рикверц, Мизар, Фолтин, Трачери, Лет 3, Даниел Санчез и многу други.
Капијата на „Аларм за природата“ и кампот ќе биде отворена денеска во 8 часот наутро, а ќе се затвори на 28 јуни во 10 часот предпладне. Во текот на тие денови сите служби на фестивалот ќе работат 24 часа на ден. Престој на гостите во кампот и на фестивалот е дозволено само со нараквица, што се добива со замена на билетот или купување на истиот во приколката пред фестивалската капија.
Кампот ќе биде покриен со бежичен интернет, а ќе има и интернет-кафе, како и специјална просторија со полначи за мобилни телефони. Камперите имаат на располагање тушеви, како и заеднички тоалети. На Аларм не е дозволено внесување храна, пијалаци, палење скара, оружје. Автомобилите може да се паркираат на 1 километар пред влезот, на посебно означен паркинг. Обезбедена е најразновидна храна и пијалаци со посебен акцент на вегетеријанската исхрана.
Фестивалската влезница чини 1.000 денари, а дневниот билет е по цена од 500 денари. Дневниот билет важи од 10 часот наутро, па се до наредниот ден.
По осум години пауза, „Аларм за природата“ е второ издание на АЛАРМ фестивалот. Првото издание, АЛАРМ 1, се одржа во авто кампот Љубаништа- Охрид, во 2002 година.