„Enterprise Estonia“ агенцијата на естонската влада одговорна за промовирање на странски директни инвестиции во земјата, се искачи на врвот во новиот извештај на „Emerging Europe“ во кој се рангираат државните агенции за привлекување инвестиции во европските земји во развој.

Инвест Литванија, победници во претходните две години, е рангирана на второ место, а во првите пет се уште CzechInvest, Агенцијата за инвестиции и развој на Латвија (LIAA) и UkraineInvest.

Во Топ 10 земјите со најдобри агенции за привлекување на странски инвестиции се четири држави од опкружувањето, Словенија (6), БиХ (8), Романија (9) и Бугарија (10). Агенцијата за привлекување странски инвестиции во Македонија ја нема друштвото на најуспешните во привлекување странски инвестиции помеѓу европските држави во развој.

Оваа година, како и минатата се рангираа и градовите во европските земји во развој. Во гласањето на 70 експерти и советници за директни инвестиции од странство, во конкуренција на 75 градови со над 200 000 жители, главниот град на Унгарија Будимпешта е прогласен за најделовен град. Тој победи и во категоријата „Бренд и Поддршка на локалните власти“. Во другите категории, Тбилиси е прогласен за град со најголем економски потенцијал, Лоѓ за деловна клима, Букурешт е град со најголеми можности за талентираните луѓе, Софија и Талин освоија награди за развој на  концептот паметен град, Варшава за инфраструктура и поврзаност, а Прага  за квалитет на живот.

OhridNews