Започнуваат чествувањата по повод денот на патронот на градот Св.Климент Охридски.
Празникот ќе биде одбележан со повеќе пригодни свечености за да се потсети на хуманистичкото и творечкото значење на делото на Св. Климент. Вечерва во катедралната црква „Св. Софија“ градоначалникот на Охрид Александар Петрески свечено ќе ја промовира книгата „ 40 години автокефалност на Македонската Православна Црква“ во издание на издавачките куќи „Маседониа прима“ и „Летра“. На промоцијата свое обраќање ќе има и Архиепископот на МПЦ г.г. Стефан, а пригодна беседа ќе одржи и амбасадорот Јордан Плевнеш.
На денот на празникот, на 9-ти август, претпладнето, во Свети Климентовата црква на Плаошник, градоначалникот Петрески и делегација на Советот на општината ќе запалат свеќи, а на пладне пред споменикот на Свети Климент на градскиот плоштад ќе се одржи пригодна свеченост.
Вечерта во Лапидариумот, односно дворот на куќата на Робевци со пчеток во 20 часот ќе биде промовирано специјалното издание на книгата „Охрид-Токио, прва светска награда за хуманизам 2007 Даисаку Икеда-Јапонија“.
Во рамките на денот на Свети Климент, во петок, 10 август, во 20 часот во Центарот за култура „Григор Прличев“ ќе биде отворена изложба на слики на францускиот фотограф и вљубенк во Охрид Ги Фулон.
Јасминка Т. Момироска