Во организација на Владата на Република Северна Македонија, по повод чествувањето на големиот празник, 8 Септември – Денот на независноста, под мотото: „Обединети во слободата“ ќе бидат одржани повеќе свечени и културни активности во целата држава.

Централната свечена прослава, кога ја славиме сувереноста, независноста и самостојноста на нашата држава и македонскиот народ ќе се одржи во четврток на 8 септември во 19:30 часот на платото кај паркот „Ибни Пајко“ и ќе се пренесува во живо на Националната радио-телевизија, како и на каналите на социјалните мрежи на Владата на Република Северна Македонија, информираат од владината прес-служба.
Во рамки на централната прослава, на која ќе се обрати претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, се планирани изведби и музички солистички нумери од познати пејачи и групи, како и атрактивно шоу на диск-џокеј.

Одбележувањето на 31-годишнината од независноста на нашата татковина, на 8 септември (четврток), ќе започне во 8:45 часот, кога премиерот Димитар Ковачевски со владина делегација во состав: Артан Груби, прв заменик на претседателот на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Славјанка Петровска, министерка за одбрана, Беким Сали, министер за здравство како и министерот за транспорт и врски Благој Бочварски ќе оддадат почит и ќе положат свежо цвеќе на вечните почивалишта на поранешните претседатели на државата, Киро Глигоров и Борис Трајковски, во алејата на великаните на Градските гробишта „Бутел“.

Од 10:00 часот, премиерот Ковачевски ќе присуствува на Свечената церемонија на доделување ордени од страна на претседателот на државата, Стево Пендаровски во вилата на Водно.

Од 11:00 часот до 14:00 часот, во Скопје, во Градскиот парк на „Школка“ ќе се одржи манифестација која вклучува програма за деца, со учество на Театарот за деца и младинци кои ќе ја одиграат куклената претстава „Лакомата Меца“, како и тактичко-показни вежби на единиците на Армијата на Република Северна Македонија и на Министерството за внатрешни работи. Во 12:30 часот, предвидено е изјави за медиумите да дадат министерката за одбрана Славјанка Петровска и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.

Дополнително, од 11:00 часот во целата држава, ќе започне културната манифестација „Отворен ден за граѓаните“, во чии рамки се обезбедува бесплатен влез за граѓаните во културните установи, музеи и галерии во целата Република.

OhridNews