Во предвечерието на празникот посветен на големиот светител и заштитник на Охрид Св. Климент Охридски, пред 18 години започна приказната на првиот информативен портал во Македонија – OHRIDNEWS. Осумнаесет години подоцна „ohridnews“ е прв клик на илјадници читатели од градот, земјата и светот на кои Охрид им е при срце и релевантен извор на информирање за случувањата во градот кому му се верува и кој ужива исклучителна доверба.

Во морето информации и портали „ohridnews“ е препознатлив по објективно и професионално информирање. Под мотото „Информирај се!“ Охридњуз во своето постоење произведе 150 000 вести од разни области, во најголем дел авторски текстови на докажани новинарски професионалци кои низ годините работеле на порталот. Охридњуз стана познат и по својата видео продукција на подкасти, видео емисии, кратките „1 минута вести“, преносите живо (live stream) од спортски и други настани, документарни филмови, креативни видеа, но и по својот ПР и маркетинг концепт препознатлив во бизнис заедницата и бројните задоволни клиенти кои 18 години со успех ги промовираат своите услуги и производи на креативните платформи на првиот информативен портал кај нас.

Новото време носи нови можности, но и предизвици. Ги следиме трендовите, но остануваме цврсти на определбата успехот и имиџот да ги градиме со професионален однос кон работата, почитувајќи ги етичките и еснафски норми во информирањето и јавниот интерес. Довербата е наш врвен приоритет, затоа ќе продолжиме објективно, точно и навремено да информираме за случувањата од интерес на јавноста водејќи сметка за улогата што треба да ја има еден професионален медиум во општеството – предизвик пред кој денес е исправен онлајн просторот кој се повеќе се претвора во арена каде главната битка не е насочена кон квалитетот на информирање, туку кон кликови, лајкови и ботови, вели основачот и главен уредник на OhridNews, Горан Момироски.

Традиционално декември е месец на празници, убави моменти и сумирање на впечатоците од годината која полека изминува. Во тој контекст го најавуваме печатеното и онлајн издание на Годишната ревија на настани во која ќе ги издвоиме и успешните охридски приказни во 2024та, како и осмото издание на културно-забавниот спектакл „Зимска бајка“ што ќе се случи на 21 декември во Центарот за култура „Григор Прличев“, за што повеќе детали ќе соопштиме деновиве.

Ви благодариме довербата со која не следите полни 18години!

Ваш OhridNews