Советот на општина Охрид денеска ја одржа последната 64-та седница во овој состав. Наскоро мандатот на членовите на советот истекува, а по завршување на локалните избори ќе се конституира новиот Совет на Општина Охрид.
Честитки за успешноста и заедничка фотографија за спомен
Последната седница членовите на советот и градската администрација ја искористија да си честитаат меѓу себе за, како што рекоа, успешната работа во изминатите 4 години.
Во своето обраќање, градоначалникот Александар Петрески, се заблагодари на советниците на конструктувната соработка.
– Овој Совет е најуспешен од сите досегашни општински совети, но и во Република Македонија, како по квалитетот, така и по начинот на донесените одлуки. Советниците не подлегнаа на политичките притосоци од партиите и работеа конструктивно во интерес на сите граѓани, рече Петрески
Во своето завршно обраќање, претседателот на Советот на заминување, Владо Чингоски, рече дека советниците од овој состав го вратиле дигнитетот Советот.
– Овој Совет е успешен и од еден друг аспект, што успеа на советот да му го врати местото кое му припаѓа во ЗЕЛС. Тоа не е група која се среќава еднаш месечно и носи некакви одлуки, туку орган кој ги дава насоките за работа на градоначалникот и општинската администрација, рече Чингоски.
Меѓусебни честитки си упатија и членовите на советот кои по завршувањето на седницата за спомен заеднички се фотографираа.