Православните верници денеска го прославуваат Божиќ, раѓањето на Синот Божји – Исус Христос. По тој повод честитки со најискрени желби за мир и благосостојба упати државниот врв, како и градските власти и лолкалните ограноци на партиите.
“На овој голем Господски празник кој се празнува во спомен на Христовото раѓање, ги упатувам своите уверувања и надежи дека Македонската Православна Црква и во иднина ќе продолжи да го дава својот придонес во одвивањето на реформите и интегративните процеси на нашата држава во демократска атмосфера и верска толеранција” се вели во честитката на претседателот Бранко Црвенковски.
Честитки до поглаварот на МПЦ, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, како и до верниците од православна вероисповед упати и премиерот Никола Груевски.
По повод големиот христијански празник Рождество Христово – Божиќ, Градоначалникот на Охрид, Александар Петрески, упати честитка до православните верници со желби за лична и семејна среќа, христијанска љубов и меѓусебна почит.
Во деновите на празнувањето на Христовото рождество, во домовите на моите сограѓани, православни верници, нека владеат мирот и спокојството; благосостојбата, љубовта и хармонијата. Во деновите на духовна вознесеност нека им се исполнат срцата со задоволството од она што, секој посебно и сите заедно како заедница, сме го постигнале и кон што тежнееме. Притоа нека не храбри мислата дека со меѓусебна почит и соживот; со христијанска вера, љубов и надеж ќе можеме да создаваме нови вредности за личното и семејно добро; за доброто на сите сограѓани, за Охрид како најубав град и Македонија како наша татковина, се вели меѓу другото во Божиќната честитка што до православните верници ја упати градоначалникот Петрески.
Честитки по повод Божиќ упатуваат и ограноците на политичките партии во Охрид.
„Во овие моменти на празнување на Христовото раѓање да се присетиме на патот и да ги славиме делата на нашите Охридски Чудотворци светителите Наум и Климент, како и на делата и жртвите на многубројните македонски духовници и великани. Да го продолжиме нивниот тежок, каллив и трнлив пат, патот кон вистината, праведноста и човекољубието бидејќи тоа е наша должност и вечна благодарност, чест и почит. Да се радуваме на Христовото раѓање, да ги претвориме нашите домови во Витлеемска пештера на Божјиот дар и Божјата милост. Љубовта и верата кон Бога и нашите ближни, мирот и спокојството, почитта, хуманоста, семејните вредности, дарежливоста нека ги оплеменат нашите срца. Исполнети со евангелиска љубов и божикна радост да се поклониме пред Спасителот наш Исус Христос и заедно со ангелите да запееме “Слава на Бога во височините, на земјата мир и меѓу луѓето добра волја”
Христос се роди – навистина се роди! Честито и од Бога благословено Ново Лето!, се вели во Божиќната честитка до православните верници ја упати ОК на ВМРО ДПМНЕ од Охрид.
ohridnews