Македонскиот премиер Никола Груевски и Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска упатија честитки до Поглаварот на Исламската заедница во Република Македонија, Господин Реис Ул Улема, Хаџи Сулејман Ефенди Реџепи по повод почетокот на Рамазанските пости.

-Светиот месец Рамазан и почетокот на рамазанските пости, и вашата посветеност кон празнувањето, нека ви донесат мир во душата, разбирање, толеранција, проштевање и хармонија. Доаѓањето на големите верски празници од секогаш носеле спокој и насочување кон вредностите. Молитвата, добрата мисла и добрите дела нека бидат водилка кон многу радост и среќа во семејствата на верниците и севкупно во Република Македонија, и нека ја шират соработката и почитта кон Вашите блиски, соседите, пријателите и сограѓаните. Соживотот на разните религии и нации кои живеат во нашата земја, да придонесат и понатаму со заеднички сили да работиме за економски развој на земјата и подобар стандард на граѓаните, за повеќе можностите за културен, образовен и сеопшт напредок, и за достигнување на европските и евроатлантски стандарди, со цел понатамошна изградба на силна и напредна Република Македонија, се вели во честитката на премиерот.

Во честитката на Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов пишува:

-Рамазан е месец посветен на молитвата и поклонението, великодушноста и помагањето, сочувството и милоста кон помалку среќните. Во овој период на празнување посакувам кај сите верници од исламската вероисповед да преовладува чувството на мир, љубов и меѓусебно разбирање. Уверен сум дека негувајќи ги духовните и моралните вредности ќе продолжиме да градиме мостови на взаемно пријателство во духот на македонскиот модел на соживот и почитување и прифаќање на различноста, се вели во честитката од Иванов.

Посакувајќи рамазанските пости да ги поминат во мир и благосостојба, Иванов на припадниците на исламската заедница им посакува семејна хармонија и радост.

OhridNews