Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод големиот муслимански празник – Рамазан-бајрам, упати честитка до поглаварот на Исламската верска заедница во Република Македонија, реис-ул-улема ефенди Сулејман Реџепи, до членовите на Ријасетот на ИВЗ и до сите припадници на исламската вероисповед во Република Македонија.

„Почитуван реис-ул-улема ефенди Сулејман Реџепи,

Дозволете ми, Вам лично, на членовите на Ријасетот, муфтиите, имамите и на сите граѓани од исламска вероисповед во Република Македонија, да Ви го честитам празникот Рамазан-бајрам и завршувањето на рамазанските пости.

По повод чествувањето на светиот месец Рамазан, на покана на моите пријатели од исламска вероисповед, присуствував на повеќе ифтарски вечери. Овие средби се секогаш добра можност да ја пратиме пораката дека соживотот и меѓусебното почитување се вековна традиција на овие простори.

Одбележувањето на овој голем исламски празник не потсетува дека верата, посветеноста и молитвата даваат духовен мир, а почитувањето на блиските и споделувањето со оние кои имаат помалку се универзални вредности за кои сите се залагаме. Солидарноста и меѓусебната доверба се заеднички вредности кои секогаш не обединуваат. Искрено сум убеден дека и во иднина ќе го негуваме меѓуверското и меѓурелигиското почитување.

Со овие мисли дозволете, уште еднаш, Вам и на сите верници од исламска вероисповед, да Ви го честитам празникот Рамазан-бајрам и да Ви посакам пријатни денови исполнети со мир и благосостојба.“ – се вели во празничната честитка на претседателот Иванов.

OhridNews