Општинската организација на СДСМ – Охрид по повод големиот државен празник, 2 Август – Денот на Републиката, упати честитка до членството, симпатизерите и граѓаните на општина Охрид во која се вели:
Денеска, на овој голем ден сите здружено да им оддадеме почит на нашите претци учесници во Илинденското востание и на Првото заседанието на АСНОМ. Тие во различно време но со иста идеја ги поведоа граѓаните кон слобода, независност и единство и ги поставија темелите на современата, независна и суверена држава.
Се’ останува запишано во колективната меморија уште од времето на Двата Илиндена. Нивните идеали и жртви за слободна и независна Македонија се трајно наследство во историјата, паметник во сегашноста и патоказ во иднината. Охрид, како дел од Република Северна Македонија цврсто чекори кон иднината, кон НАТО и ЕУ и градењето на едно општество за сите. – се вели во празничната честитка на ОО на СДСМ – Охрид.
По повод големиот државен празник 2 Август – Илинден, Ден на Републиката честитки до сите граѓани упати ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид.
Илинден е симбол на непокорот и борбата за слободна и независна Татковина, Република Македонија. Аманетот од Илинденците и Асномците, а наша цел е да ги чуваме и негуваме придобивките од двата Илиндена, двата столба – Крушево 1903 и АСНОМ 1944.
Не смееме да ја заборавиме храброста и решителноста на нашите предци. Големиот ден – Илинден е ден на слава и гордост, но и ден за продолжување на борбата за зачувување на Татковината и нејзиниот напредок. – стои во празничната честитка на ВМРО ДПМНЕ ОК Охрид.
OhridNews