Градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески, по повод 2 Август – Илинден, Денот на Републиката, упати честитка до охриѓани и до сите граѓаните на Република Македонија.
„Двата Илиндена, 1903 и 1944, се два светли датуми во македонската историја кои ја симболизираат нашата борба за сопствена држава, благодарение на што имаме можност да живееме во демократска, самостојна и независна Република Македонија.
Најголемиот македонски празник – Илинден е ден кој не задолжува, не инспирира и обединува. Денес се поклонуваме на славното дело на револуцијата, на храброста, доблеста и љубовта кон Татковината.
Многу години по Илинденското востание и по првото Заседание на АСНОМ, идеалите на илинденците и на асномците се дел од нашето секојдневје и дел од визијата за нашата иднина. Она што во минатото било стремеж за слобода, денес е стремеж за развој, просперитет и подобар живот за нашите сограѓани. Обединети и сложни да продолжиме посветено да работиме на изградба на модерно, просперитетно и европско општество.“ – стои во честитката на градоначалникот.
OhridNews