Почитувани матуранти,

Овие денови и Вашата генерација пристигнува пред испитот на зрелоста. Овие денови го означуваат крајот на Вашето средношколско животно искуство, исполнето со младешки занес, со жед за стекнување на знаења, со незаборавни моменти на кои ќе се сеќавате целиот свој живот.

Овие денови за Вас значат почеток на едно ново академско битисување, исполнето со нови животни предизвици, со желби за усовршување на стручните познавања, со младешки порив да се одреди и одбере вистинскиот пат во посреќно утре. Погледите на Вашите родители сега се вперени кон Вас. Нивните најмили сега се на прагот на зрелоста, пред вратите на сениорството, пред влезот во сопствените животни приказни.

Вашите погледи сега се вперени кон иднината. Вашите желби сега се поврзани со изборот и остварувањето на вистинските животни вредности.

Нека Ве понесат оптимизмот, младоста и ентузијазмот. Нека Ве следат хуманоста, космополитството и патриотизмот. Нека Ви помогнат вербата, љубовта и надежта. Вие сте иднината на нашата европска Македонија. Македонија ќе биде Вашата европска иднина. Македонија ќе биде Вашиот дом во Европа, дом за Вас, за Вашите љубени, за Вашето потомство. А Вие ќе бидете горди, среќни и задоволни што сте од европска Македонија, во европска Македонија и за европска Македонија.

И не посакувајте ништо помалку од тоа. Зашто тоа навистина го заслужувате, тоа навистина Ви го должат возрасните.
Честито Матура.

Во име на ОО на СДСМ од Охрид,

Со почит,
Томе Чинговски