Десетици млади животи згаснаа во борбите за ослободување на Охрид што партизанските одреди ги водеа со фашистичкиот окупатор на 7-ми Ноември 1944 година. Благодарение на нивното херојството 76 години подоцна Охрид е слободен град, светска туристичка дестинација, културна престолнина и духовна мека на македонскиот народ.

Охрид за време на Втората светска војна се наоѓал под бугарска окупација. Партизанските единици го ослободиле градот на 15 октомври 1944 година, но за кратко време, бидејќи под притисок на германските сили тие се повлекле. По борбите меѓу партизаните и германските сили ноќта меѓу 7 и 8 ноември Охрид е ослободен од фашистите.

По повод Денот на ослободувањето на Охрид од фашистичкиот окупатор, градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески упати честитка до граѓаните.

Почитувани сограѓани ви го честитам 7-ми Ноември денот на ослободувањето на Охрид од фашистичкиот окупатор и неговите сојузници. Денеска празнуваме и чествуваме за храброста и делата на сите борци кои ги положија своите животи за слободен град. Пишаната историја го забележала овој датум како симбол за градење слободен, мирен и современ Охрид. Борбата и пожртвуваност на нашите претци се наш аманет и завет дека нивните херојства и жртви нема никогаш да бидат заборавени, а слободата за која се бореле ќе ни биде вечна.

Нашиот Охрид нека ни биде вечен , а ние да се стремиме кон создавање модерен развиен и европски град. Со корисни идеи и успешни општествени проекти заеднички да го доградуваме и осовременуваме.

Нека ни е честит 7-ми Ноември, Денот на ослободувањето на Охрид. – стои во празничната честитка на градоначалникот Георгиески.

OhridNews