На денешен ден во 1941, борците на Првиот прилепски партизански одред извршија напад врз бугарската полициска станица во градот, на прилепскиот затвор и на телефонско-телеграфската мрежа. Со овој чин беше означен почетокот на востанието на македонскиот народ против бугарскиот окупатор, а со цел за конечно ослободување на земјата. На 12 октомври се огласија и истрелите на кумановските партизани. Почна четиригодишната крвава НОВ на македонскиот народ за конечо ослободување на земјата која заврши со успех само во еден дел на Македонија.
11 Октомври се одбележува со низа свечености, културни и спортски манифестации. Празникот пригодно се одбележува и во Охрид. 11 Октомври треба длабоко да биде врежан во колективната меморија на Македонецот а минатото да се почитува, беше речено на свеченоста по повод 66 годишнината од почетокот на револуционерната борба против фашизмот. што вчера се одржа во Охрид.
“Она што ние најмалку можеме да направиме е со одбележувањето на овој ден да им оддадеме почит на сите оние кои придонесоа во остварувањето на идеалите за слобода”- рече во поздравното обраќање, Владо Чингоски, претседател на Советот на Општина Охрид.
За историското значење на револуционерната борба и партизанското движење во охридско, говореше претседателот на Општинската организација на сојузот на борците од Охрид, Крсте Крстаноски.
Владо Чингоски
По повод 11 Октомври, денеска од 11:00 до 17:00 ч. на Градскиот плоштад „Св. Климент Охридски”, (плато пред Рибниот ресторан), охридскиот Црвен крст во соработка со Службата за трансфузиологија при Општата болница Охрид, ќе организираат крводарителска акција.По тој повод Црвениот крст ги повикува сите хумани луѓе да бидат дел од оваа акција и даруваат крв.
11 Октомври македонците ќе го одбележат и во светот. Познатиот македонски гитарист Влатко Стефановски ќе одржи коцерт во Лондон, во чест на празникот 11 октомври, придружуван од Ѓоко Максимовски и Дејан Милосавлљевиќ. Според најавите Триото, пред лондонската публика во која најмногу ќе има Македонци кои живеат и работат во Британија, ќе настапи со сите познати нумери и композиции од репертоарот на Влатко Стефановски.
ohridnews