Објавувањето поштенска марка во Франција со ликот на познатиот охридски фотограф Зоран Велјаноски – Летра, претставува голема чест и за градот Охрид и потврда на заложбите за афирмација на нашиот град во светот, истакна градоначалникот Александар Петрески, на приемот што во чест на Летра беше организиран денеска.


Петрески рече дека од особена важност е што признанието доаѓа од земја со голема култура и уметност и  актуелен претседавач со ЕУ. Според него тоа е признание и за Фестивалот на францускиот филм, што во Охрид  започна да се одржува од минатата година.


На поштенска марка Летра е заедно со претседателот на Европската филмска академија Макс Азуле

Зоран Велјаноски – Летра, кој признанието го доби за особени заслуги во организацијата на Фестивалот на францускиот филм, истакна дека со издавањето на поштенската маркичка воспоставен е мост помеѓу Охрид и Париз. „Ова е големо лично признание но и потврда на успешната организација на Фестивалот на францускиот филм со кој Охрид се вброи во светските градови каде се одржуваат филмски фестивали“, рече Велјаноски – Летра. Тој се заблагодари на поддршката на градоначалникот и локалната самоуправа и изрази очекување дека со помош и на Министерството за култура и пошироката зaедница в година Охрид ќе има уште подобро фестивалско издание.

Г. Момироски