Седумнаесетгодишниот Драган Наумоски од населбата Варош го фати чесниот крст, што традиционално на Водици владиката Тимотеј го фрла во осветените води на Охридското Езеро.

“Не можам да ја опишам мојата радост во моментов. Скокам уште од мојата шеста година, го фатив сега на 17, презадоволен сум“, ни изјави Наумоски,. Тој рече дека не значи ништо од каде кој скока и дека така било пишано тој да го фати крстот.

На градското пристаниште настанот го проследија над 10.000 верници. Дамка на манифестацијата, која од година во година е се` помасовна, остави начинот на кој чесниот крст беше фрлен во езерските води.

Имено, околу 400 млади кои стрпливо чекаа на брегот, останаа разочарани, бидејќи мала група капачи скокна од бродот кој беше веднаш до тој на владиката Тимотеј и го фатија крстот. Тоа наиде на негодување кај присутните на пристаништето, а пропустот го призна и организаторот, здружението на граѓани за целосна афирмација на традициите на МПЦ “Богојавление“.


Владиката Тимотеј. Остави простор за шпекулации.


Околу 400 разочарани капачи

“Лицето што го фати крстот не беше пријавено на списокот на учесници, но ниту крстот може да се фрли два пати ниту водата може да се освети два пати, тоа не е канонски. Владиката го прави тој обичај заедно со народот, а ние на никого не можеме да му забраниме да скокне, може и обичен минувач  да скокне и да го фати крстот“, ни изјави Љупчо Арнаудов, претседател на “Богојавление“ кој рече дека во иднина организаторот ќе се потруди ваквите пропусти да не се повторат.





Г. Момироски
С. Костоски