Светиот синод на Православната црква на Чешка и Словачка минатата недела донесе одлука за „признавање на автокефалноста на Православната црква на Северна Македонија“, објави порталот „Ортодокстајмс“, кој е специјализиран за прашања поврзани со православните цркви.

Светиот синод на Црквата на Чешката Република и Словачка беше информиран за писмата на вселенскиот патријарх Вартоломеј во врска со обновувањето на евхаристичкото единство со епархиите во Северна Македонија, како и за писмата на српскиот патријарх Порфириј за реинтеграција на Црквата во Северна Македонија во канонската структура на Православната Црква на Србија и за доделување автокефалност на Православната црква во Северна Македонија со Патријаршиски и синодален томос од 20 мај 2022 година, се наведува во соопштението на чешко-словачката Црква.

„Ортодокстајмс“ посочува дека во соопштението на Светиот Синод на Црквата на Чешка и Словачка нашата Црква никаде не се именува како Охридска Архиепископија, име под кое беше примена во канонско единство со останатите православни црква од страна на вселенскиот патријарх Вартоломеј на 9 мај минатата година.

По неочекуваното признавање на „автокефалноста“ доделена од Патријаршијата на Србија на Црквата на Северна Македонија од страна на Патријаршијата на Романија пред неколку дена и Црквата на Чешка и Словачка, исто така, го призна неканонскиот потег на Патријаршијата на Србија во врска со статусот на црквата на балканската земја, наведува порталот.

„Ортодокстајмс“ потсетува дека „Светиот синод на Вселенската Патријаршија на 9 мај објави дека ги прима во евхаристичко општење хиерархијата, свештенството и народот на оваа црква (Охридска Архиепископија) раководени од архиепископот Стефан“.

OhridNews