Чешкиот премиер Петр Фиала го повика денеска Западот брзо да ги зголеми испораките на оружје за Украина, додека земјата се бори против руската инвазија.

Украинците имаат шанса против огромната супериорност (на Русија), само доколку западните земји ги снабдат доволно со воена технологија, изјави Фиала во Прага.

Заедно со полскиот премиер Матеуш Моравјецки и словенечкиот колега Јанез Јанша, Фиала вчера отпатува во Киев за да покаже солидарност со Украина и да се сретне со нејзините лидери.

Нивната посета на главниот град на Украина беше прва на странски лидери од почетокот на руската инвазија на 24 февруари.

Треба да го зајакнеме снабдувањето со оружје и да вклучиме колку е можно повеќе земји. И тоа треба да се направи брзо, бидејќи за две недели може да биде предоцна. Ова треба да се направи во рок од неколку дена, истакна Фиала, додавајќи дека на Украина и се потребни пред се противтенковски и противвоздушни ракети.

Чешката Влада денеска одобри воена помош за Украина во вредност од над 28 милиони евра.

OhridNews