Фирмата „ИСЦ-Системи“ од Карлови Вари, Чешка во наредните 15 години ќе се грижи за уличното осветлување во Охрид. Оваа фирма која е избрана преку моделот за Јавно приватно партнерство, во текот на наредниот период ќе има обврска да инвестира 3 милиони и 570 илјади евра за модернизирање и проширување на системот за јавно осветлување.

-Се работи за бонитетна и силна компанија на ниво на Европа која што професионално се занимава со активности околу уличното осветлување. Постапката за избор на оваа фирма беше многу долга со оглед на тоа што се работеше за постапка која ја водевме по моделот на јавно приватно партнерство. На една од минатите седници на Советот на општина Охрид беше усвоена Физибилити студијата каде што експертите си го кажаа својот збор, односно што е она што општината може да го очекува во овој процес и следствено на тоа донесовме одлука за тоа по кој модел ќе одиме за решавањето на проблемот за уличното осветлување, појасни Димитар Спасески, секретар на општина Охрид.

Тој објасни дека согласно Физибилити студијата, приватниот партнер треба да изврши замена на 7.627 постоечки светилки со лед енергетски ефикасни светилки и дополнително да изведе 620 нови сијалични места.

-Исто така треба да изврши замена на постојните 4.000 конзулни држачи кои се поставени на дрвени столбови со метални столбови кои што по стандарди одговараат за улично осветлување. Во Стариот дел на градот, покрај кејот и некои други локации кои што општина Охрид ќе ги утврди ќе се постават 461 светлечки фенери кои ќе бидат автентични и препознатливи за градот. Понатака, ќе бидат поставени 103 рефлектори кои ќе служат за илуминација на значајни објекти низ Охрид и дополнително вградување на 49 подни рефлектори кои исто така ќе служат за илуминација на објекти. Во илуминацијата е вклучена и изградбата на мониторинг станица од каде што ќе се одржува и контролира осветлувањето, вели Спасески.

Тој истакна дека општина Охрид со досегашниот начин на управување на уличното осветлување годишно инкасирала околу 1 милион евра од кои околу 800 илјади евра веднаш се префрлаале кон ЕВН Македонија на име потрошена електрична енергија за одржување на системот.

-Дополнително околу 120 илјади евра ја чини општина Охрид годишното одржувањето на осветлувањето. Како слободни пари што остануваа кои Локалната самоуправа може да ги користи за реализација на други проекти се до 70 до 90 илјади евра во текот на годината. Со јавното приватно партнерство, покрај тоа што, Охрид ќе добие современо и модерно улично осветлување со лед светилки, дополнително општината од партнерот ќе добива по 222.200 евра годишно кои ќе можат да се користат за други проекти, потенцираше Спасески.

Според условите на договорот, по завршувањето на јавното приватно партнерство, целиот систем за јавно осветлување ќе биде во владение на општина Охрид. 

 

OhridNews

Опозицијата смета дека договорот со чешката фирма не е во полза на Охрид