Во Охрид, селекторот на македонска ракометна репрезентација, Лино Червар ја продолжи практиката и ги собра потенцијалните ракометари од Супер лигата кои (ќе) конкурираат за сениорскиот состав.
Охрид, е втор домаќин по Битола, а следниот трет собир ќе биде следниот месец во Велес. Хрватскиот стручњак не го криеше задоволството од виденото во Охрид од суперлигашките играчи и ракометарите од младинските екипи на Охрид, Струга и Ресен. – Многу сум задоволен од тоа што можев да го видам во Охрид, не само од сениорите туку и од младите кои ги има во се поголем број во спортските сали. Тоа е нашата цел, да ги оттргнеме децата од дома, компјутерите и нездравите работи и да ги насочиме кон спортот, не мора да биде ракометот. Со локалните тренери разговараме околу проблемите со кои се соочуваат и најдовме некој заеднички јазик избегнување на проблемите.
Меѓу повиканите по втор беа ракометарите од охридскиот клуб, Благојче Трајковски и Бобан Блажески, како и охриѓанецот во редовите на Пелистер, Иван Тасески.
– Дел од овие играчи беа повикани во Битола, дел не. Но, репрезентацијата не е затворена за никого и секогаш ќе биде така. Сакам сите ракометари да го осетат репрезентативниот дух бидејќи само така ќе ја ценат и почитуваат репрезентацијата. – додаде Червар.
Македонската репрезентација во ноември месец ќе ги одигра мечевите со Украина и Чешка во рамките од квалификациите за пласман на Европското првенство.
Фото: Емилио
OhridNews