„Пред се мора да се спротивставиме со една добра и квалитетна одбрана. Мораме во напад да бидеме исклучително трпеливи. Не смееме, всушност забрането е да правиме наивни технички грешки. Полесно е да згрешиме во шутот и подобро е, отколку со технички грешки. Многу е важен и голманот во тој натпревар“, рече Червар на прес-конференциј..
Не сакаше да открие кој од двајцата голмани покрај Дарко Станиќ, ќе биде назначен за втор голман, а рече дека и тактички не е многу паметно тоа да го направи неколку дена пред натпреварот.
Според Червар Киелце е најдобар полски клуб, состав со полно интернационалци и најдобри полски играчи.
„Клуб со големи амбиции. Не кријат дека сакаат да одат во фајнал фор, дека тоа е нивната цел. Со огромен буџет, со голема можност за развој на клубот, кој гради нова сала. Тоа е еден сериозен клуб. Има и пет играчи од хрватската ракометна репрезентација, чиј тренер бев една декада. Знаете дека Хрватска е ракометна велесила. Можеби таму ги имаат најкомплетните две крила, Штилек и Чупиќ. Ги имаат најдобрите полски играчи, како Илиевски, Биелецки, Качец, Јурек. Тоа е екипа кои ги има Зорман и Стојковиќ двајца српски репрезентативци, како и други полски репрезентативци“, рече Червар.
Тренерот на Металург смета дека Киелце е фаворит на неделниот напревар со Металург, но дека ќе дадат се од себе резултатот да биде во корист на Металург.
„Нивниот пораз против Висла не е никакво мерило за состојбата, туку опуштање. Секако дека ги проучувавме на сите други натпревари од Лигата на шампиони. Тоа е екипа која е во состојба, особено затоа што ја имаат транзицијата како најсилно оружје, преку Штулек и Чупиќ. Тие две крила се многу брзи. Најдобри стрелци се. Тоа значи дека секоја наша невнимателност, секоја наша техничка грешка, тие ќе ја казнуваат многу брзо, со контри“, рече Червар.
Според капитенот на Металург, Ванчо Димовски, во Скопје доаѓа екипата на Киелце, која во Полска донесе се што можеше, сите ракометари кои се квалитетни.
„Ретко која екипа во Европа има играчи со медали од своите репрезентации, па знаеме дека се работи за врвна класа. Ние сме во иста ситуација како нив бодовно и ова е дерби на колото. Мораме да се носиме со тоа. Подготвени сме. Не очекува противник кој до саботата немаше ни еден лош ден. Сите натпревари ги доби лесно и во ЛШ и во нивното првенство. Знаеме како изгледаат кога во 10-15 минути го изгубија натпреварот, дерби на колото, на гостински терен , во една пеколна атмосфера, што ги чека и во Скопје. Најавуваат овде дека би дошле до победа, доколку би дале 100 отсто. И 200 и 300 отсто ако даде, ако ние дозволиме тие да играат, тие ќе играат“, рече Димовски.
Металург се труди да влезе во првите шеснаесет, а ако може и понатаму, додека тренерот Червар ги посакува првите две места кои ќе го донесат вториот натпревар да се игра на домашен терен.
Побараа поддршка од публиката, која до сега не ги изневери. Билетите за натпреварот Металург –Киелце се распродадени уште во понеделникот, па замолија оние кои немаат купено билети да не одат накај салата „Борис Трајковски“ каде ќе се одигра натпреварот во недела од 18 часот.
Вратите за навивачите и посетителите ќе бидат отворени од 16.30 часот. Натпреварот кој од ракометната федерација е прогласен за натпревар на неделата и дерби на колото, ќе го пренесуваат десетина земји, а од Полска пристигнуваат петнаесетина новинари.