Откако двапати со репрезентацијата на Хрватска загуби од Франција во финалните натпревари на СП и ЕП, сега како тренер на клуб, Лино Червар сака да им се реваншира на „триколорите“. На 14 февруари во Скопје го пречекува тимот на Тромбле, во европскиот КПК и се надева на триумф што делумно би ја залекувал раната од последното ЕП во Австрија.
Лидерот во ракометното првенството неколку дена е во Охрид, ќе ја уигрува екипата на тактички план, заедно со засилувањата што беа ангажирани, крилото Левов и бекот Блечиќ, со што сега конкуренцијата е дополнително зголемена. Червар подготви игра за агресивните Французи чиј главен адут е силната одбрана.
–
Тромбле игра агресивна одбрана 3-3, а на момент играат пресинг по целиот терен. Имаме работа со искусна екипа што игра „пргаво“ и ќе треба мудро да се одигра за да ја решиме нивната одбрана. Но, нема да биде воопшто лесно – вели Червар.
Тој смета дека тимот со кој располага има сили за подвиг, а мала предност за француската екипа е тоа што реваншот се игра во Париз. Но, она што му е најважно е тоа дека пред овој тим на Металург има светла иднина.
–
Со последните засилувања Блечиќ и Левов, полека создаваме екипа што прво ќе ја потврди титулата. Во наредната година во ЛШ нема да бидеме само добри домаќин, туку и ќе победуваме.
Хрватскиот стратег без ден одмор директно од Виена по финалето на ЕП допатува во Охрид да се подготвува со екипата.
– Најдобро би ми дошло малку одмор, барем седум дена, но таков е мојот живот, таков е мојот пат, мора да се жртвуваш, а тренерот мора да биде пример за момците – вели Червар.
Тренерот што освои шест медали на последните 10 првенства е на крстопат околу својата селекторска позиција. Тој најави заминување по ЕП од репрезентацијата, а се’ посилни се гласовите дека е подготвен да го превземе македонскиот национален тим.
–
Не би разговарал сега за македонската клупа. Се’ уште е рано да се зборува за тоа, јас дојдов овде да работам, да се одморам и да се подготвиме што подобро за мечот со Тромбле. Нема потреба од брзање, сега нема репрезентативни натпреварувања, за репрезентацијата има време и за тоа ќе разговараме – резервиран е Хрватот.
фото Емилио
М.П.
© Ohridnews.com. All rights reserved.
The content of this article, should not be printed, copied or published in any way, without permission by Ohridnews.com