Ракометарите на Металург, имаа игра и резултат се до последните петнаесетина минути, кога играчите на Киелце ‘притиснаа’ во одбраната, го натераа противникот на серија грешки, кои немилосрдно ги казнија.
„Киeлце ја заслужи победата, покажаа карактер и цврстина. Жалам што ние успеавме да упропастиме во последните 15 минути, она што го градевме цели 45 минути. Едноставно не го издржавме притисокот, во финишот почнавме да играме премногу индивидуално, а таквите грешки ривал каков што е Киелце знае да ги казни“, рече тренерот на Металург Лино Червар.
Неговиот колега од спротивната страна беше исклучително задоволен од победата и по се изгледа обебзеденото прво место во Ц групата.
„Ова беше многу тежок натпревар за нас, затоа што игравме пред полни трибини, а и поради патот од 22 часа колку што ми требаше да стигнеме тука. Задоволен сум од играта и резултатот, направивме голем чекор напред“, рече Богдан Вента.
Двајцата тренери не пропуштија да ја истакнат извонредната атмосфера, која ја направи седум илјадната публика во СЦ Борис Трајковски.