Металург на најдобар можен начин со победа над Барселона ја заврши групната фаза во Лигата на Шампиони. Момците на Лино Червар уште еднаш се надминаа себеси и покажаа дека пред своите гледачи можат да го совладаат секого.
– Полно ми е срцето, морам да кажам дека ми е многу драго за сите момци од мојот тим. Имаме многу проблеми во овој период, но уште еднаш надминавме се и бевме одлични промотори на македонскиот спорт. Денеска не плачевме, знаете кои се Мојсовски и Атман, но не се жалевме, го оставивме срцето на терен и заслужено победивме. Барселона сакаше да победи, сакаше да остане без пораз, но ние им застанавме на патот. Трета година во низа сме дел од Топ 16 фазата во ЛШ, што е најдобар доказ за нашите квалитети – рече Червар.
Стартот од мечот не наговестуваше на ваков расплет, но во вистинско време се разбудија голманите Станиќ и Митрески и не дозволија Барселона да ги однесе бодовите до Скопје.
– Да не се лажеме, тие беа немоќни против нашата одбрана 6-0. Ние ја надигравме Барселона, тоа е факт, дури им одржавме и мала лекција, иако се врвни ракометари ние им покажавме како се игра ракомет. Не се сложувам дека игравме бавно, ние игравме лукаво. Ова е ракомет, ова е вештина, не е атлетика. Ова го велам за да ги охрабрам сите, дека можеме уште повеќе од она што го остваруваме – заврши Червар.
Покрај големиот триумф над каталонците, Металург заврши на третата позиција зад ПСЖ и првопласираната Барселона, а пред македонскиот ривал Вардар.
Мх.П.