Тимот на Металург со победа против Вакер Тун на домашен терен ќе си го обезбеди пласманот во Топ 16 од Лигата на Шампиони. „Металурзите“ се вратија на триумфалните патеки после победа со Вардар, а според Лино Червар таа нема да вреди ништо, ако не го сторат истото против Вакер Тун.
– Сакаме со победа да ја завршиме годината. Во случај на победа би биле најдобар балкански клуб и би биле дури и пред ПСЖ. Тоа би била добра зимница. Не мораме од никого да се плашиме, но секого мора да го почитуваме. Не сме заборавиле да играме ракомет, тоа го покажавме – вели Лино Червар, тренерот на скопјани. Според хрватскиот стручњак, најголем квалитет на гостинот од Швајцарија е што никогаш не ја губи мотивацијата, дури и кога губи со повеќе голови. Тоа е единствена екипа што во континуитет има голем ентузијазам и голема мотивација и кога губи. Ја држат мотивацијата и кога губат со пет гола. Тоа е голем квалитет, без разлика на нивниот пласман – рече за „Дневник“ Лино Червар.
Во победа и „мирна зима“ верува пивотменот на Металург, Ванчо Димоски, кој потенцираше – Имаме шанса трета година по ред на домашен терен да победиме на последните мечеви. Последните две години беа убави за гледање. Имаше прекрасна атмосфера. Двапати славевме уште во 7. коло пласман во топ-16. Се надевам дека и годинава ќе биде така.
Мх.П.