Хрватскиот стратег на клупата од Металург, Лино Червар имаше само пофални зборови за неговите ракометари и шестилјадната публика во „Борис Трајковски“ која беше осмиот играч во триумфот над ПСЖ во Лигата на Шампионите.
– Победата над ПСЖ им ја подаруваме на навивачите кои несебично не бодрат сите овие години. Од овој натпревар се надевам дека македонските ракометари ќе се ценат повеќе, а не како до сега да бидат потценувани. Ние покажавме дека ракомет се игра со срце и дека на крајот тој што повеќе ја посакува победа, тој и ќе ја добие – рече Червар веднаш по мечот.
Капитенот на Металург, Наум Мојсоски, кој ја презеде одговорноста кога беше најпотребно смета дека победата над ПСЖ е сосема заслужена и допрва ќе има вакви натпревари на кои ќе се испишува историја.
– Бодовите од натпреварот со ПСЖ сосема заслужено останаа во Скопје. Им благодарам на моите соиграчи кои одиграа со многу голем инает, оној препознатлив македонски и сите заедно успеавме да го совладаме францускиот ракометен гигант. На полувремето тренерот Червар ни оддржа говор од кој сите изглеговме посилни и посамоуверини, а тоа го покажавме на теренот гинејќи за секоја топка – потенцираше Мојсовски.
Мх.П.