Во петгодишниот престој во Металург, Лино Червар и неговите избраници ја освоија четвртата титула шеста вкупно во историјата од националниот шампионат.
– Ова е седмата титула во мојот петгодишен престој во Металург. Освоивме три трофеи во Купот на Македонија и четири во македонскиот шампионат. Секоја следна сезона сме подобри и подобри, но оваа можам да кажам дека е најдобра сезона од кога јас сум дел од тимот на Металург – потенцираше хрватскиот стручњак.
Во трката за титулата Металург беше поуспешен од Вардар, кој го имаше приматот бранител на трофејот освоен минатата сезона.
– Имавме голем ривал наспроти себе во Супер лигата, кој во сите сегменти е помоќен од нас, но ние во меѓусебните дуели ги „згазивме“ и сосема заслужено ја освоивме титулата. Им честитам на ракометарите, луѓето кои работат во клубот на чело со господинот Минчо Јорданов, кој дава се од себе и се бори да го задржи клубот на овој патоказ – додаде Червар.
Титулата во Автокоманда допатува без ниту една дамка. Со девет победи во десет натпревари „металурзите“ сосема заслужено се искачија највисоко на тронот.
– Луѓето во нас препознаа нешто што ми го кажа и нашиот сопственик, а тоа е спортската култура, дисциплината, односот кон спортот и искрената скромност. Само така можеш да се задржиш на врвот бидејќи таму треба да си пример за сите, а ние сме вистински за македонскиот ракомет – заврши стратегот на Металург.
Со освојувањето на титулата во македонскиот шампионат екипата на Металург обезбеди директен пласман во групната фаза од Лигата на Шампиони.
Фото : Емилио
Мх.П.