Четиридневните подготовки на Металург во Охрид за мечот со Пиг Сегед во баражот за пласман во Лигата на Шампиони завршија. Во градот под Самоиловата тврдина повеќе се работеше на тактички план бидејќи според хрватскиот стратег Лино Червар, тоа е клучот на успехот.

– На натпревари како што не очекува мораш да бидеш 100% тактички спремен и да си во топ форма целиот натпревар. Знаеме дека тоа ќе биде многу тежок натпревар исто така знаеме дека нашиот противник се засили повеќе него ние. Имаат и нов тренер Пастор, кој беше на клупата на селекциите Германија и Шпанија. Тој е многу вреден ракометен стратег и на Пиг Сегед ќе му донесе многу подобра и побрза игра од сега. Новиот тренер на Пиг Сегед е во трка со времето бидејќи има премалку време да ја искристализира неговата игра – рече Червар.

Првиот натпревар Металург го игра пред своите гледачи додека Унгарскиот првак е домаќин на реванш дуелот што се игра три дена подоцна.

– Тие имаат мала предност затоа што реванш натпреварот го играат на домашен терен, но ние мораме да размислуваме само на првиот дуел и да оствариме позитивен резултат. Нема да биде лесно тие се бранат со длабока одбрана или пет-еден, а имаат добар голман. Наша задача ќе биде да наметнеме наша игра и постепено да го градиме пласманот во ЛШ – смета Хрватот.

Искусниот ракометен стручњак посакува победа со повеќе од пет голови разлика, но и таа не е гарантира сигурен пласман во завршницата од Лигата на Шампиони.

– Нема позитивен резултат кога се играат вакви „да се биди или не“ пресметки. Од мое лично искуство никогаш не се решавало во еден натпревар, но за да бидиме по трезвени во реваншот посакуваме предност од пет голови – посочи Червар.

 Мх.П.