Червар летниот одмор го минува во Умаг, во текот на неделава тој ќе се врати во Македонија, каде со Металург ќе ги стартува подготовките за новата сезона, во која првиот предизвик ќе го има на почетокот на септември, кога против ПИК Сегед ќе се обиде да избори пласман во Лигата на шампиони.
„Многу бргу се враќам во Македонија, каде што ќе продолжам со проектот Металург, но веќе најавив дека уште еден краток период ќе бидам во Скопје. Посеав семе на кое клубот може и натаму да расте и мислам дека мојата основна мисија тука е завршена“, рекол Червар.
„Кога дојдов во Металург забележав дека младинската школа не функционира најдобро. Репрезентацијата беше стара, тимот на Металург, исто така. Работевме на подобрување на младинската школа, но и на подигнување на квалитетот во првиот тим. И, еве, минатата сезона стигнавме до четвртфиналето во ЛШ, а бевме третата најгледана екипа во Европа. За мечевите од ЛШ влезниците ги распродававме за половина час. Отворивме големо ривалство со Вардар, тоа е единственото вистинско ракометно дерби на Балканот. И за крај, оваа сезона неколку играчи од младинската школа влегоа во првиот тим“.
Трофејниот тренер одговорил и на прашањето поврзано со трансферот на Ивано Балиќ, играч со кого во минатото имал успешна соработка.
„Го сакав Балиќ во тимот, луѓето од клубот имаа разговори, но за играч од таква класа треба и да се плати. Мојот клуб не можеше да ја обезбеди таа сума. Јасно е дека тешко се доаѓа до такви играчи. Слушнав дека Вардар е заинтересиран за него и доколку го донесат ќе завршат вистинска работа. Тој е екстра играч, кој може уште многу да пружи во секој тим. Трансфер во Вардар би бил добар за Балиќ, доколку го донесат за Вардар тоа ќе биде како кец на десетка“, изјавил Лино Червар.