Македонскиот ракометен првак Металург во шестата рунда од Лигата на Шампиони ќе ја брка првата победа во групата. Противник во „Борис Трајковски“ на „металурзите“ е Ла Риоха, која пред недела дена го совлада македонскиот преставник со 31-26.
– По десетдневните турбуленции во клубот, го очекуваме реваншот со Ла Риоха. Првиот натпревар го одигравме во променет состав, со македонски ракометари. Морам да кажам дека сум задоволен од борбеноста и од залагањето на моите ракометари на таа средба. Миркуловски ја одигра својата најдобра партија во Лигата на шампионите, а добри беа и Мојсовски и Вугринец. Сепак, наш хендикеп е што на бековските позиции имавме по еден играч и што не можевме целиот натпревар да го одиграме во исто темпо. Ние со истиот состав ќе го играме и реваншот, но јас верувам дека ќе одиграме уште подобро, дека и одбраната ќе биде малку подобра и ќе помогне во остварувањето на нашата цел – да стигнеме до првата победа. Верувам во моите момци, во нивниот инает и желбата, и мислам дека прерано на отпишаа. Мило ми е што бев дел од овој клуб, ги почитувам моите играчи и никогаш нема да ги заборавам овие прекрасни години. Пред пет години бевме непознати и привилегија е што се најдовме помеѓу овие големи клубови. Играчите и клубот мора да имаат меѓусебно почитување, тие се оние кои мора да се борат за она што е наше. Металург се уште е актуелен шампион на Македонија, а резултатите се сумираат на крајот на сезоната. Металург во последните неколку години направи нешто што ниту еден тим во Европа го нема направено и Македонија има со што да се гордее. И со овој состав ние ќе се бориме до крај и со кренати глави ќе играме во Европа. Јас секогаш сум оптимист. Мораме да го почитуваме тимот на Ла Риоха, кој има по двајца квалитетни ракометари на секоја позиција. Особен акцент би ставил на надворешните позици, каде имаат одлични шутери, кои сигурно ќе ни создадат големи проблеми. Мечот со Шпанците ќе го играме за нашите навивачи, бидејќи тие го заслужуваат тоа“,- рече Лино Червар на пресконференцијата.
Свое видување за мечот со шпанците даде и заменикот капитен Ванчо Димоски, кој потенцираше – Ла Риоха е тим со сериозни амбиции за влез во Топ 16, екипа што доаѓа од земја која е актуелен светски првак. Влеговме во овој циклус преполовени, за жал не успеавме да сториме ништо повеќе на мечот во Шпанија, но се надеваме дека ќе ги израдуваме нашите навивачи в сабота. Наша цел во следните три меча е да освоиме шест бода со условно послабите противници, па потоа да видиме каде сме. Мотивацијата секогаш е присутна кај нас, сите овие години се навикнавме повеќе да победуваме, создадовме еден менталитет на победници и сега не ни е убаво кога губиме. Сето тоа што се случува не нѐ остава рамнодушни и затоа нема да се предадеме и ќе се обидеме до крај да се бориме и да постигнеме колку што можеме.
Металург во групата е последен без победа и со пет порази во исто толку натпревари.
Мх.П.