Лино Червар имаше официјална промоција во нов селектор на машката ракометна репрезентација. Хрватскиот стручњак со Ракометната федерација на Македонија потпиша четиригодишен договор.


Тренерот на Металург под своја палка покрај сениорската селекција ќе ги има и сите младински репрезентации во кои беше и координатор.

Македонската репрезентација по неуспешните квалификации за Олимписките игри во Рио се најде на крстопат, а токму тоа го привлекло Червар на селектороската функција.

– Зошто одлучив да ја преземам репрезентацијата на Македонија во најлошиот момент, кога најголемиот сон Рио не се оствари. Сакам дури сега, кога е најтешко, да помогнам заедно со РФМ, со играчите, со сите оние во чие срце е ракометот, да ја продолжиме македонската ракометна приказна и на следните големи натпреварувања кои се пред нас, како СП 2017 во Франција и ЕП 2018 во Хрватска. Паралелно со тие цели, мораме заеднички да работиме на натамошно развивање на македонскиот ракомет. Да се води репрезентација е многу поразлично од водење на клуб. Да ја водиш репрезентацијата на една држава е голема чест, но и одговорност, бидејќи ракометот ја претставува и државата Македонија. Исто така да играш за репрезентацијата, за својата татковина, претставува најголем спортски успех и признание, пред сите спортски успеси. – рече Червар, пренесува „Екипа.мк“.

Хрватот порача дека репрезентативната врата е отворена за секого и дека ќе бара дисциплина од секој репрезентативец.

– Кој сака да игра во репрезентацијата, вратите му се отворени. Но тие треба да знаат дека во моментот кога ќе дојдат, ќе се стават во интерес на националниот тим. Пред нас е баражот, најголем противник ни е времето. Јас верувам во работа, а ќе нема време за напорна работа. Знаете како е, селекцијата доживеа шок во Гдањск, но верувам дека со помош на играчите ќе одговориме на предизвикот. Ако се пласираме на СП, тоа ќе биде друга приказна бидејќи ќе имаме сосема доволно време да се подготвиме и сосема добро да ја претставиме Македонија на мундијалот во Франција. – додаде Червар.

Прв предизвик на Червар ќе биде бараж двомечот со Чешка за пласман на Светското првенство во Франција. Првиот меч се игра на 11 додека реваншот на 15 јуни.

Фото: Екипа.мк
OhridNews