Македонскиот ракометен првак Металург минува низ најтешките периоди од неговото постоење. Клубот беше пред потполно згаснување кога играчите решија да не тренираат и играат додека на клупата е хрватскиот стручњак Лино Червар.
Токму тој прекухрватските медиуми се огласи за ситуацијата во Металург во недостиг на информации од клубот од Автокоманда.
– Полека, ќе видиме дали воопшто ќе отпатуваме. Ситуацијата е многу сериозна, посериозно отколку што изгледа однадвор. Мислам дека во прашање е опстанокот на клубот воопшто и затоа малку би причекал за конечни оцени затоа што има време – рече Червар, а пренесува „Спортмедиа“.
Хрватскиот стручњак свое видување даде и за бојкото на играчите да тренираат под негова палка.
– Сигурно дека не е така едноставно да го слушате сето тоа, но многу се вложив себеси во оваа работа. Еден поранешен македонски репрезентативец пред некој ден ми рече ‘Лино за вистината не треба да се бориш, таа секогаш победува сама’. Јас верувам во тоа. Тешко ми е беше да го читам и да го слушам сето тоа, после сѐ јас веројатно не го заслужив, но сѐ ќе дојде на свое. Затоа молам уште неколку дена, да видиме што воопшто ќе се случува и како ќе се заврши. Не е добро, ситуацијата е повеќе од сериозна, во прашање е повеќе од гостувањето во Шпанија – додаде Червар.
Мечот со Ла Риоха во Лигата на шампиони е најмал проблем за клубот од Автокоманда, кој пред себе има период за опоравување по несаканите случки.
– После ваква недела тешко е нешто да се прогнозира. Останавме без пет важни странци кои ни даваа ширина. Јас не сум виновен за тоа. Се согласувам дека екипата со домашни играчи е добра, но прашање е колку можеме во овие околности. Но, прво да причекаме да видиме дали воопшто ќе отпатуваме и ќе играме, не е така едноставно – заврши Червар.
Ohridnews