Хрватскиот стратег Лино Червар и вицепрвакот во македонскиот ракометен шампионат Металург се многу блиску до продолжување на договорот. Изгубената титулата од Вардар во последното коло не ги помеша заедничките амбиции на Червар и Металург.


– Разговорите со Минчо Јорданов се движат во крајно позитивна насока и дека проектот на Металург сигурно ќе продолжи да се движи напред. Сите оние што мислеа дека една загубена титула, од причини што се добро познати, ќе значи и крај на овој наш амбициозен проект се премногу далеку од вистината бидејќи ние ќе продолжиме да го работиме она што го имаме зацртано. Желба на сите нас е Металург да остане македонски бренд во кој главниот збор ќе го имаат домашните играчи – рече Червар за “Екипа.мк“.

Червар покрај продолжување на договорот истакна дека ќе продолжи да се потпира на таленти кои ги произведува ракометната школа, а странски ракометари ќе се носат само ако се неопходни.

– Секако дека ќе ангажираме и странци, но тоа ќе бидат само врвни играчи и фантастични професионалци, играчи што не само ќе го направат тимот посилен, туку и ќе бидат одличен пример за помладите – додаде Червар.

Металург и Червар се во исчекување на одговорот од ЕХФ за вајлд карта со која ќе играат во Лигата на Шампиони.

Мх.П.