Македонскиот вицепрвак Металург со шест голови предност ќе патува на реванш натпреварот против Колдинг во 1/8 финалето од Лигата на Шампиони откако на првиот дуел забележа триумф 23-17.
– Пред се сакам да им честитам на моите играчи кои се мои вистински воини. Исто сакам да и се заблагодарам на публиката, која никогаш, ама никогаш не не оставаат. Им приредивме ракометно шоу на сите присутни во салата, а данците ги победивме со нивното најсилно оружје одбраната. Предноста од шест погодоци е солидна, но е далеку од сигурна, затоа во римечот ќе влеземе како без предност – рече Червар, по завршувањето на мечот.
Со 13 погодоци од 23, Ренато Вугринец на „рамена“ го одведе Металург до нова историска победа во европските натпреварувања.
– Тежок натпревар по кој имаме 6 разлика. Можеше и подобро, но и полошо да биде. Мора да се спуштиме малку да нема еуфорија и со ладни глави да одиме во Данска. Ќе бидам пресреќен доколку се пласираме во четвртфинале. Моите голови нема ништо да значат доколку не успееме во тоа – истакна Вугринец.
Задоволство од постигнатиот резултат искажа и заменик капитенот, Ванчо Димоски, кој потенцираше – Одигравме одличен натпревар. Да ни понудеше некој 6 разлика пред почеток на мечот ќе прифатевме. Дополнително го застанавме противникот на само 17 гола, што е дополнителна предност пред реваншот. Дали ќе биде доволно ќе видиме, имаме супер резулѕтат и седум дена да се подготвиме. Нема да ја браниме оваа разлика, напротив ќе одиме на победа и во Данска.
Мх.П.