Челниците на земјите членки на Европската унија на вонредниот самит, што се одржа вчера во словачката престолнина Братислава, ги прифатија шестмесечните насоки за обновување на довербата во ЕУ по британското напуштање на блокот кои претставуваат контури за иднината на Унијата според кои треба да се дејствува до самитот во Рим во март следната година, кога ќе се одбележува 60-годишнината од Римските договори, објавено е на завршната прес-конференција пренесуваат агенциите, јавува „Макфакс“.

„Иако една земја реши да замине, Европската унија останува неопходна за нас другите“, велат челниците на 27-те земји членки во заедничката изјава додавајќи дека се решителни ЕУ да биде успешна.

Таканаречените Насоки од Братислава носат чекори кои се потребни да се преземат за да се реши прашањето на миграцијата, со цел да не се повторат „неконтролираните минатогодишни бранови“, за да се подобри сигурноста на надворешните граници и за поефикасно да се води борбата против тероризмот, како и да се зајакне европската соработка во сферата на одбраната и да им се пружат подобри можности на младите.

„Братислава е почеток на процесот“, се истакнува во заедничката изјава, во која се додава дека по самитот во словачката престолнина ќе следат важните состаноци во Ла Валета на Малта кон крајот на годинава и потоа мартовскиот самит во Рим.

Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, на завршната прес-конференција изрази надеж дека „Насоките од Братислава“ ќе ја водат ЕУ во нејзините акции кои мора да бидат „практични и опипливи“ во периодот кој надоаѓа, а до состанокот во Рим. Една од таквите опипливи практични одлуки и брзи мерки, според Туск, е и одлуката за помош на Бугарија во заштита на нејзината граница со Турција.

„Денеска сите земји членки се согласија дека се подготвени да ја поддржат Бугарија кога станува збор за ефикасната контрола на границата со Турција. Практично тоа значи голема помош од Европската комисија кога станува збор за парите, како и граничната полиција и опрема од некои земји членки“, појасни Туск кој одби конкретно да ги именува земјите, бидејќи, како што рече, „ова е почеток на процесот“,

На завршната прес-конференција покрај Туск, беа присутни и словачкиот премиер Роберт Фицо, од земјата која во моментов го извршува шестмесечното ротирачко претседавање со Унијата, и претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер.

„Самитот во Братислава е првиот самит на кој се разговараше за заедничката иднина за Европа на 27-те, по британското излегување. Денеска имавме искрени разговори за корените на сегашната ситуација во Европа… луѓето се загрижени и стравуваат од тероризмот, миграциите и недостигот од контрола, како и од економската и социјалната иднина“, изјави Туск, изразувајќи надеж дека во периодот кој доаѓа ќе се обнови довербата на граѓаните во ЕУ.

Иако стануваше збор за ЕУ по Брегзитот, агенциите забележуваат дека не се зборувало за Европската унија, бидејќи Лондон уште не го активирал членот 50 од Лисабонскиот договор за ЕУ со кој се одредуваат процесите на излегувањето на земја членка, а 27-те челници потврдиле дека нема да водат никакви преговори со Лондон пред тоа да го стори.

„Преговорите со Велика Британија не беа главна тема на самитот во Братислава, Потврдивме дека нема преговори без активирање на членот 50. Тоа мора да биде многу јасно. Тоа не е насочено против Велика Британија, туку со тоа ги следиме нашите правила“, појасни Туск.

Претседателот на Европскиот совет рече дека во текот на неговата неодамнешна посета на Лондон разговарал со британската премиерка Тереза Меј, која искрено му кажала дека е речиси невозможно да се активира членот 50 оваа година, како и дека тоа веројатно ќе го стори во јануари или во февруари 2017 година.

„Ние сме добро подготвени и би можеле да ги започнеме преговорите веќе утре, но мораме да ги чекаме нашите британски колеги“, истакна Туск.

Туск пред самитот истакна два приоритета. Прво, челниците да успеат да ги надминат разликите и да успеат да се договорат за потребата да се презема контролата и да се сврти страница од201 година и хаотичната мигрантска криза. Второ, внатрешната (тероризмот) и надворешната (миграцијата) безбедност да бидат апсолутни приоритети.

Британското истапување покажало до која мера граѓаните ја загубиле довербата во ЕУ, „Брегзит не е само британски проблем. Тој е показател на загриженоста која може да се најде насекаде во Европа“, рече Туск.

„За разлика од Велика Британија, ние знаеме што сакаме. Нашата позиција е јасна… Ја отфрламе можноста некој да избира што му одговара, а да го отфрла она што не му одговара“, изјави словачкиот премиер Роберт Фицо, додавајќи дека Европската унија сака добри односи со Обединетото Кралство, но дека преговорите не можат да одат против интересите на нејзините членки.

Фицо изрази задоволство од самитот, бидејќи смета дека се донесени некои конкретни одлуки, иако ЕУ не ја гледа секогаш „иднината како розова“. „Не ја гледаме секогаш иднината како розова, но доколку ние не ги дадеме одговорите, тогаш некој друг би можел да дојде со одговорите и тоа би можело да биде опасно“, рече Фицо.

Оцената на самитот од германската канцеларка Ангела Меркел е дека на него преовладувал „духот на соработката“, и покрај предизвикувачките прашања со кои се соочува Унијата.

„Духот на Братислава беше дух на соработката. Убедени сме дека ни е потребен компромис, дека ни е потребно чувството на солидарност, чувството на соработка, и дека работиме на основа на заедничките вредности“, рече германската канцеларка по еднодневниот самит.

Меркел, којашто во пресрет на самитот доаѓајќи во Братислава изјави дека станува збор за „критичен момент“ за Европската унија, призна дека пред Унијата стојат „месеци интензивна работа“

Челниците на Унгарија и на Италија упатија, пак, помалку оптимистички пораки. Италијанскиот премиер Матео Ренци изјави дека самитот во Братислава бил „чекор напред, но многу мал. Премал“.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека самитот не успеал да ја промени мигрантската политика на ЕУ, којашто ја нарече „автодеструктивна и наивна“. „ЕУ продолжува со своите автодеструктивни и наивни политики, тие повеќе зборуваат за забрзување на постапката на распределба, отколку за запирање на мигрантите на Шенгенските граници“, рече Орбан.

Премиерот на Луксембург, Ксавиер Бетел, исто така, не беше премногу оптимистичен. „Секој кој вели дека работите во моментов во Европа добро функционираат, треба да земе нови очила“, порача Бетел.

Белгискиот премиер Шарл Мишел зборуваше за потребата од „повторното јакнење на Европа“, а австрискиот канцелар Кристијан Керн предупреди пред самитот дека во овој момент не треба да се очекуваат „револуционерни разултати“.

OhridNews
извор: „Макфакс“