Охридскиот боди билдер Гоце Мојсовски направи крупен чекор напред во годината што изминува. Тој на Светското првенство во Словенија го освои сребрениот медал, а една година претходно се закити со бронзеното одличје.

– На Светското првенство оваа година успеав да се искачам едно скалило погоре што е доказ дека добро работам, тренирам и се држам до сите принципи кои ги бара боди билдингот. Секако, во годината што доаѓа ќе се насочам кон единствениот медал, кој ми недостига во мојата колекција, а тоа е златниот – рече Мојсовски.

Охрид годинава беше домаќин на неколку спортски манифестации од државен и  меѓународен карактер. За прв пат во градот беше одржан боди билдинг натпревар на отворено на „Плажа Кадмо“ и Државниот шампионат, кој се одржа во Домот на култура.

– Во Охрид се одржаа повеќе спортски настани, а тоа покажува дека градот живее за спортот. За издвојување е организацијата на боди билдинг натпревар на отворено кое беше полн погодок и Државното првенство кое во Охрид ги собра сите боди билдери од земјата. Спорт, кој ја одбележа 2013 година во Охрид секако е ракометот, кој е најпопуларен, а тоа се гледа по посетеноста на натпреварите кои ги играт на домашен терен. И во нашата земја се издвојуваракометот бидејќи во Европа играат три екипи, а тоа го нема ниту земја – потенцираше Мојсоски.

„Фит Форм“ и Мојсоски во новата 2014 година најавуваат голем број спортски настани. – Планирани се неколку проекти, организација на повеќе настани кои ќе го привлечат вниманието на жителите ширум земјата. Покрај тоа на индивидуален план ќе направам се да се искачам на првото место на Светскиот шампион, кој ќе се одржи во втората половина од следната година.

Мх.П.