Викендов на стадионот „Билјанини извори“ концерт одржа популарниот српски поп пејач Жељко Јоксимовиќ, кој го проследија повеќе илјади гледачи.

Тој професионално и во препознатлив стил го одработи неговиот настап, на кој публиката која ја имаше во голем број и од сите генерации, чекаше повеќе од три часа. Згора на тоа присутните беа принудени да проследат настап на две предгрупи во кои провејуваше се и сешто, од турбо фолк, до песни за дечиња. Дел од присутните уморни од чекањето гласно негодуваа, а имаше и такви кои не го издржаа маратонското „загревање“ и си заминаа.

На крај Жељко Јоксимовиќ, имаше одличен двочасовен настап, во кој заедно со публиката ги испеа најголемите свои хитови: „Љубави“, „Мишел“, „Супермен“, „Девојка“, „Вретено“, „Није љубав ствар“, „Заборављаш“, „Лане моје“… Но, впечаток е дека неговиот настап непотребно беше оптоварен со предолго чекање, при што на публиката и беше понудена алтернативна програма далеку под нивото на концерт кој беше најавуван како голем спектакл.

Сепак, за големи настани, се треба да биде големо.

OhridNews