Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу денеска изјави дека и покрај тешката ситуација очекува нови преговори меѓу Русија и Украина во наредниот период, јави дописничката на МИА од Брисел.

Тој потсети дека пред неколку денови рускиот и украинскиот министер за надворешни работи се сретнаа во Анталија и дека постигнаа значаен напредок во преговорите, меѓутоа по снимките кои излегоа од Буча оваа недела ситуацијата е потешка.

Имаме уште надеж и сме внимателни оптимисти, но истовремено сме реалисти, ова е тешко прашање, но мораме да продолжиме со напорите и Турција прави сѐ што може, рече шефот на турската дипломатијата.

Турција е единствена земја на НАТО која не воведе санкции против Русија и која има доволно кредибилитет да делува како медијатор меѓу двете страни.

Очекуваме нови средби меѓу двата преговарачки тима и потоа можеби и помеѓу министрите за надворешни работи за да се иницира можен договор, двете страни исто ставија на знаење дека можеби и двајцата претседатели би можеле да се сретнат, изјави Чавушоглу попладнево пред почетокот на вонредниот министерски состанок за надворешни работи на НАТО посветен на Украина.

OhridNews