Министерот за внатрешни работи Митко Чавков, кој денеска престојува во работна посета на Охрид, се’ уште не го разгледал Ивештајот подготвен од група искусни експерти нa Eвропската комисија за владеењето на правото во Македонија и следењето на комуникациите кој содржи сериозни критики за работата на Управата за безбедност и контраразузнавање и скандалот со прислушкувањето.

Во извештјот се посочува дека скандалот со прислушкувањето открил масовно прекршување на основните права во Македонија, и дека содржината на објавените снимки од опозцијата упатува на индикации за незаконски активности и злоупотреба на моќта од страна на високи владини службеници и корупција. Понатаму во извештајот се вели дека снимките според квалитетот, опсегот и бројноста потврдуваат дека се направени во просториите на национлната разузнавачка служба, а како причини за одолговлекувањето на скандалот се наведуваат концентрацијата на моќ во УБК и злоупотребата на механизмот за надзор над службата. 

Министерот Чавков рече дека МВР внимателно ќе ги разгледа наведените забелешки во извештајот и ќе преземе чекори за надминување на воочените слабости на безбедносниот систем, но не откри што конкретно ќе биде направено. 

-Морам да кажам дека се уште не сум го прочитал извештајот, официјално не е дојден до мене. Се разбира дека на многу внимателен начин ќе пристапиме кон согледување на сите наводи кои ги содржи тој извештај. Се разбира ние сме свесни дека во нашето работење има слабости, но како и да е ние ќе бидеме силно фокусирани на надминување на истите, но не би сакал сега да прејудицирам бидејќи содржините се уште не сум ги прочитал. – изјави денеска во Охрид министерот Чавков.

Во врска со проблемот со миграцијата, кој е се поприсутен во земјава, Чавков истакна дека се работи за меѓународен феномен и дека и самата Европа се’ уште нема усогласени ставови во врска со ова прашање. Тој посочи дека со направените измени во законот за азил, како и со мерките кои се преземаат, Македонија како држава низ која транзитираат мигрантите кои влегуваат од југ, се обидува да се справи со ескалацијата на миграцијата.

-Со тоа обезбедуваме услови за една хуманитарна димензија во третирање на мигрантите од една страна, од друга страна превенирање на контактот со нив од криминални групи и поединци кои ја злоупотребуваат нивната незавидна ситуација за лично профитирање. Има сет мерки и активности кои се преземаат не само од МВР туку и од владата и други надлежни министерства и институции-рече Чавков.

Тој инфромираше дека денеска полицијата во Куманово реализирала акција насочена кон криминални групи кои се занимаваат со криумчарење на мигранти

Г.М.